Градежната компанија Актор, која е изведувач на изградбата на делницата од автопатот Демир Капија - Смоквица, преку оглас бара да вработи 259 градежни работници, меѓу кои и градежни инженери, кранисти и други работници. Компанијата во моментов на проектот во Македонија има ангажирано 330 работници, но за да ги комплетира своите планирани проектни активности и задачи во периодот кој следи, а кој опфаќа изградба на повеќе мостови, надвозници и патни јазли, има потреба од дополнителна работна сила. Работниците треба да имаат повеќегодишно работно искуство на проекти за поставување и изведба на високи конструкции до 100 метри, работа на висина, работа со големи челични и бетонски конструкции, транспорт и просторна манипулација на габаритни конструкции и нивно соодветно поставување.
Градежната компанија Актор, која е изведувач на изградбата на делницата од автопатот Демир Капија - Смоквица, преку оглас бара да вработи 259 градежни работници, меѓу кои и градежни инженери, кранисти и други работници.
Компанијата во моментов на проектот во Македонија има ангажирано 330 работници, но за да ги комплетира своите планирани проектни активности и задачи во периодот кој следи, а кој опфаќа изградба на повеќе мостови, надвозници и патни јазли, има потреба од дополнителна работна сила. Работниците треба да имаат повеќегодишно работно искуство на проекти за поставување и изведба на високи конструкции до 100 метри, работа на висина, работа со големи челични и бетонски конструкции, транспорт и просторна манипулација на габаритни конструкции и нивно соодветно поставување.
- Вработените треба да имаат работно искуство на проекти на кои се поставувани мостови со Герберова греда односно конзолни носачи, засводени мостови, мостови со преднапрегнати греди, мостови лиени и обликувани со бетон, мостови со фина оплата и висина до 95 метри. Работните активности ќе се одвиваат на големи висини така што вработените треба да бидат во добра/одлична психофизичка состојба, да немаат страв од висини и да бидат подготвени да работат во ветровито опкружување - се бара во огласот.
Зависно од работната позиција вработените ќе треба да бидат подготвени да работат во смени, и во зависност од темпото на активностите кои треба да се резимираат да се подготвени да работат по неколку прекувремени часови во работните денови како и за време на викенди. Воедно во огласот се повикуваат и вработени кои немаат работно искуство, а се заинтересирани за работа на проектот да се пријават на овој оглас, а одбраните ќе добијат соодветна обука за заштита при работа.
Проектот за изградба на автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир Капија - Смоквица е проект со кој се предвидува изградба на нова модерна автопатска делница во должина од 28,18 километри, во согласност со европските стандарди со што ќе се комплетира главната оска од Коридорот 10 која поминува низ Македонија. Заради комплексноста на теренот на кој ќе се извршуваат градежните работи, проектот е оценет како доста сложен.